Работнички: Што крие МКФ од клубовите па не ни дозволува да видиме како работи?

Рашомонијадата во македонската кошарка продолжува и денеска, откако од таборот на Работнички дојде уште едно соопштение поврзано со нивната борба за правда и против МКФ, како што самите потенцираат.

Центарци бараат увид во работата на луѓето од Куќата на кошарката, од каде што им било ветено тоа, а потоа следувал молк. Соопштението ви го пренесуваме во целост.

„Работнички продолжува и понатаму, поднесовме повторно барање до МКФ. Работнички не попушта, ќе ја бара правдата. Денеска е повторно испратено барање и до в.д. комесарот за натпреварување – Горан Трпушевски.

Имајќи ги в предвид сите претходни наши обраќања до МКФ, а во кои упатуваме на потребата за соодветно постапување спрема оние клубови кои ја немаат исполнето обврската за подмирување на доспеаните долгови сметаме дека е неопходно и Ваше запознавање, и следствено на тоа, постапување во однос на истото.

Со овој наш допис, комесарот за натпреварување е должен да постапи во рамките на неговите задолжувања, а согласно актите на МКФ кои упатуваат и ги уредуваат неговите права и обврски-согласно член 51. Комесарот за натпреваувања ги извршува работите од својата надлежност, што се регулирани со Правилникот за натпреваување и пропозициите за натпреварување на МКФ, па согласно член 14 став 1 алинеја 6 од Правилникот за работа на Комесарот за натпреваување има обврски за покренување дисциплинска постапка и суспензија на клуб, играч, судија или делегат.

Според член 27.3 од Статутот бараме да ни се достави увид во работата на органите и телата на Федерацијата и стручните облици на организирање во кошаркарскиот спорт притоа истото беше и побарано на состанокот на Прволигашите и самата Федерација се согласи дека ќе дозволи увид, но…

Во МКФ има молк, нема никаков одговор на нашето барање и барањето на прволигашите – се крие ли нешто ???

Почитувана јавност, нашиот клуб, кој е доследен на принципите, бара одговор од врвот на МКФ, но доколку тоа не се случи, а веројатноста е огромна за тоа да не биде проследено, правдата ќе ја бара преку сите други правни механизми кои му стојат на располагање на КК Работнички.

До кога ќе биде молкот? Зарем врвот на МКФ не се бори за сите рамноправно или некој некого сокрива?“, се вели во соопштението на предводниците на Работнички.