Работнички рутински го „преплива“ Охрид за десетта победа во Првата лига!

Кошаркарите на Работнички победнички ја почнаа 2019 година, откако во вечерашниот последен меч од 12. коло лесно и убедливо го совладаа АВ Охрид (96-54) и избија на чело на табелата во Првата лига.

Центарци беа далеку поквалитетен противник и покрај тоа што настапија без двајца стартери, Ѓорѓи Чековски и Димитар Караџовски и без никакви проблеми дојдоа до десеттата победа сезонава на домашна сцена. Разликата се зголемуваше од минута во минута, за највисоки плус 42 на самиот крај од средбата.

Марјан Јанески со 24 поени (4/7 за тројка) беше најдобар кај Работнички, каде што двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Кирил Николовски со 18, Бобан Стајиќ и Бојан Крстевски со 15 и Чавдар Костов со 14 поени. Стефан Младеновиќ со 14 поени беше најефикасен кај охриѓани.

Претходно, МЗТ Скопје беше подобар во дербито со Блокотехна, Фени индустри го совлада Пелистер, Куманово го „реши“ Вардар, а Гостивар немаше проблеми во пресметката со Кожув. Слободен беше Шкупи.

ТАБЕЛА: Работнички 10-1, Блокотехна 9-2, МЗТ Скопје 9-2, Гостивар 7-4, Фени 7-4, Куманово 6-5, Кожув 5-6, АВ Охрид 3-8, Вардар 2-0, Пелистер 2-9, Шкупи 0-10.