Работнички на ден пред стартот на новата сезона се засили со – репрезентативец!

Екипата на Работнички со утрешниот меч на домашен терен против ТФТ (18 часот) и официјално ќе ја отвори новата сезона во кошаркарската Прва лига, а пред самиот старт успеа да обезбеди квалитетно засилување на плејмејкерската позиција.

Станува збор за македонскиот репрезентативец, Кристијан Николов, кој по едногодишен настап во Турција, реши да се врати во македонското првенство, каде што во минатото неколку сезони го носеше дресот на МЗТ Скопје. Тој цело лето преговараше со центарци, но имаше желба кариерата да ја продолжи во странство, па во последен момент реши да ја прифати понудата на црвено-белите од „Градски парк“: Николов се најде на пријавната листа на Работнички и своето деби ќе го има веќе утре против ТФТ.

Најтрофејниот во новата сезона ќе влезе со комбиниран тим составен од сегашни и поранешни репрезентативци меѓу кои покрај Николов се и Бобан Стајиќ, Стојан Ѓуроски, Виктор Ефремовски, Филип Бакоч и Андреј Шошкиќ заедно со четворица странци и тоа Американците Квентон Декоси и Димитрик Трис, Хрватот Роберт Рикиќ и Србинот Ѓорѓе Џелетовиќ.