Работнички и покрај притисоците на ЦПБ забрани гостински навивачи во „Градски парк“!

Финалната плејоф-серија помеѓу Работнички и МЗТ Скопје можеби на теренот ќе почне в недела, но својот неофицијален старт го доби денеска и тоа со соопштението на челниците на центарци, кои ја информираа јавноста дека нема да прифати гостински навивачи на средбите за титулата кои ќе се играат во „Градски парк“.

Причина за ова, според црвено-белите, не се некои скриени намери туку последните случувања на дерби-пресметките кои се одиграа кога тие беа домаќини, кога доаѓаше до прекин поради фрлање тврди предмети и плукање од трибината каде беше сместена гостинската навивачка група. Соопштнеието на Работнички ви го пренесуваме во целост.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека донесовме одлука со која на претстојните натпревари од финалната фаза нема да прифатиме организирана гостинска навивачка група.

Оваа постапка не ја покренуваме заради некаква скриена намера, туку, поради последните случувања во салата 'Градски Парк', каде беше настанат прекин поради фрлање на тврди предмети, плукање и недолично однесување. Инцидентот дојде токму од трибината каде беше сместена гостинската навивачка група, а клубот беше парично казнет и натпреварот се доигра следниот ден без публика.

И покрај притисоците и напорите од нашата навивачката група 'Сити Парк Бојс“ да има присуство на гостински организирани навивачи, управата на Работнички, сепак, одлучи дека не е во можност да преземе таков ризик во оваа фаза од натпреварувањето, бидејќи во дописот кој го добивме денеска од страна на МКФ јасно е дефинирано дека за секој евентуален прекршок (прекин), ќе бидат применети соодветни мерки (казни) од пропозициите за натпреварување. Тоа би можело да значи и одигрување на следниот натпревар без публика, што на Работнички во овој момент не му одговара.

Свесни сме за капацитетот и условите кои ги нуди салата 'Градски Парк' и затоа за нас ова е единствено решение за да може на достоинствен начин и без можни провокации и прекини да заврши сѐ во најдобар ред.

Во интерес на спортот и кошарката се надеваме дека ќе наидеме на разбирање за оваа наша одлука од страна на двете навивачки групи“, се вели во соопштението на центарци.

Вечните ривали ќе се сретнат во финалето првпат по пауза од четири години, а вкупно осми пат до сега.