Првакот не чекаше многу: МЗТ се засили со бек-шутер од колеџот на Меџик Џонсон!

МЗТ Скопје од денеска има посилна бековска линија, откако од клубот информираа дека е ангажиран Американецот Ерон Харис (26 год, 188 см), кој потпишал договор за до крајот на сезоната.

Станува збор за кошаркар со репутација на исклучителен поентер, кој универзитетската кариера ја минал на два престижни универзитети, Вест Вирџинија и пред сѐ Мичиган стејт, каде што работел со еден од најеминентните тренери во САД, Том Изо. Тоа е колеџот за кој во минатото играл еден Меџик Џонсон и кој зад себе има две титули во НЦАА-лигата. Потоа кариерата ја продолжил во Џи-лигата во екипата на Висконсин херд, а минатата сезона ја одиграл во Финска во екипата на Тамперен Пиринто.

Харис нема да има проблем да се вклопи на теренот заедно со сонародникот Џабари Хиндс, со оглед што двајцата одиграа две сезони како соиграчи во Вест Вирџинија универзитетот. Тој сигурно нема да биде во тимот за задутрешниот меч со Сплит, а се очекува да пристигне во Скопје во текот на претстојната недела.

Аеродромци истовремено информираа дека се во потрага и по уште едно засилување на центарската позиција, кошаркар кој би бил своевидна замена за Нуни Омот, го кого е раскинат договорот поради семејни проблеми кои ги имал во САД.