Прокисна салата во Гостивар: Работнички како гостин ќе игра на – домашен терен!

Обилните дождови што паднаа изминативе денови предизвикаа сериозни проблеми во спортската сала „Младост“ во Гостивар, што директно го погоди и кошаркарскиот клуб од овој град.

Поради оштетувањата, гостиварските кошаркари не можеа да тренираат пред клучните натпревари во борбата за опстанок, а дополнително, нема да можат да го одиграат следниот меч на свој терен. Така, утрешниот дуел против Работнички наместо во Гостивар ќе се одржи во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода, која во последно време стана алтернативен дом за клубовите со проблеми со терените.

Работнички, кој ќе му гостува на Гостивар и самиот се соочи со слична ситуација оваа сезона. Тимот првично играше во големата сала на СРЦ Кале, но по конфликт со раководството на Федерацијата се пресели во малата сала на КК Вардар. Последните два меча, исто како и претстојниот против Гостивар, Работнички ги игра во Кисела Вода.