Познати осминафиналните двојки од Купот - вечното дерби можно уште во четвртфинале!

Последните натпревари во оваа година воедно се и последни мечеви од првиот дел од кошаркарската Суперлига, по кои дури и без разлика на исходот на денешната пресметка меѓу МЗТ и чаир 2030 (13 часот) веќе се знае распоредот на натпревари во Купот на Македонија уште од осминафиналната фаза, која првпат се воведе пред почетокот на новата сезона.

Големата победа на Кожув среде Битола значеше искачување на овој тим на третата позиција, а најголем губитник испадна Куманово, кое падна на петтата позиција. Овие два тима заедно со Пелистер имаат скор 7-4, но кумановци се најлоши во мини-табелата од меѓусебните средби, па ќе мора да играат еден чекор повеќе во ова натпреварување. Првите четири тима се слободни, додека останатите осум ќе мора да се загреат кон крајот на оваа и на почетокот од следната година, за да дојдат до билет за меѓу на завршниот турнир.

Со оглед што костурот веќе е познат, вечното дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички е можно веќе во четвртфиналната фаза, под услов центарци да ја минат првата пречка наречена Тиквеш. Ова е втора година по ред најголемите ривали да играат во оваа фаза од Купот, што се должи на лошиот пласман на црвено-белите, кои никако да го почнат патот кон враќање на старата слава.

ТАБЕЛА: ТФТ 10-1, МЗТ Скопје 9-1 (-1), Кожув 7-4, Пелистер 7-4, Куманово 7-4, Маџари 6-5, Работнички 5-6, Чаир 2030 4-6, Феникс 4-7, Тиквеш 3-8, Гостивар 2-9, Ангели 1-10.

КУП НА МАКЕДОНИЈА 2025/26

ОСМИНАФИНАЛЕ

(1) Куманово – Ангели

(2) Маџари – Гостивар

(3) Работнички – Тиквеш

(4) Чаир 2030 – Феникс

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

(5) ТФТ – Победник 4

(6) МЗТ Скопје – Победник 3

(7) Кожув – Победник 2

(8) Пелистер – Победник 1

ПОЛУФИНАЛЕ

(9) Победник 5 – Победник 8

(10) Победник 6 – Победник 7