Победничкиот кош на Блокотехна: Мијатовиќ со цепелин од аут го сруши шампионот! (ВИДЕО)

Екипите на Блокотехна и на Работнички (90-89) минатата сабота го одиграа дефинитивно највозбудливиот натпревар сезонава, ретко видена драма во која екипите дури 17 пати се менуваа во водство, а мечот седум пати беше изедначен.

Круна на овој спектакуларен натпревар беше начинот на кој гевгеличани дојдоа до победата со која речиси го зацементираа третото место пред плејофот и тоа преку ветеранот Данило Мијатовиќ на 1,2 секунди до крајот. Тимот предводен од тренерот Марјан Илиевски имаше само четири секунди за да поентираат при негатива 88-89, што на крајот се покажа како доволно.

Акцијата почна со странично изведување, по што следеа серија блокови по кои Мијатовиќ заврши под самиот кош, каде што доби милиметарско прецизно цепелин-додавање од Кенет Фундербург кои умешно го претвори во победнички кош. Епилогот, разбирливо, донесе огромна радост кај сите во таборот на Блокотехна, како и разочарување кај центарци. Тоа, пред сѐ, се однесува на тренерот Марин Докузовски и ветеранот Димитар Мираковски кои најбурно реагираа, очекувано со оглед што овој пораз значеше и крај на надежоте за стартната позиција број еден пред плејофот.