По само 12 меча: Пелистер од работ на бездната го отпушти и вториот тренер сезонава!

Кошаркарскиот клуб Пелистер ја прекина соработката со првиот тренер Ненад Трајковиќ, поради незадоволителните настапи и резултати во последниот период.

Српскиот стратег со НБА искуство ја презеде екипата на почетокот од оваа година, наследувајќи го Александар Петровиќ и иако во првите натпревари успеа да внесе нова енергија, падот во формата и двата убедливи порази од Работнички во четвртфиналната плејоф-серија ги натераа клупските челници да ја донесат оваа одлука. Тимот до крајот на сезоната ќе го предводи Дејан Илиевски, кој подолго време е дел од стручниот штаб и сега првпат ќе ја преземе улогата на главен тренер.

Трајковиќ ги предводеше зелено-белите на само 12 меча во кои неговиот тим претрпе седум порази. Пелистер, кој играше во последните три финалиња во домашниот плејоф, се наоѓа на работ од бездната со оглед на негатива во серијата со Работнички (0-2) во која ако сака да се „извади“ ќе мора да ги добие сите три преостанати средби (две во Битола и евентуалната мајсторка во Скопје).

ФОТО: КК ПЕЛИСТЕР (ФЕЈСБУК)