По откажувањето на Еуро Никел: Пелистер и ТФТ поканети да играат во АБА2!

По релативно неочекуваното откажување на Еуро Никел од правото да пријави учество во регионалната АБА2 како третопласиран, предводниците на второлигашкото јадранско натпреварување решија покрај сигурниот Пелистер покана за настап да добие скопски ТФТ, кој заврши веднаш зад кавадарчани на табелата во минатото првенство.

Поканата не значи сигурно учество, туку составите од Битола и од скопско Тафталиџе ќе треба да одговорат дали се подготвени да го прифатат предизвикот. Пелистерци веќе играа минатата сезона и добро знаат што ги очекува во оваа конкуренција, додека ТФТ одамна самиот побара да учествува во АБА2 пред за тоа воопшто да добие покана, што доволно говори за желбата на луѓето што го предводат клубот за излез на меѓународна сцена. Рокот за изјаснување е до одржувањето на Собранието на АБА, кое ќе се одржи во периодот помеѓу 15 и 20 јули. Скопјани воедно ќе станат петтиот македонски претставник во оваа конкуренција, по Охрид, МЗТ Скопје, Работнички и Пелистер.

Македонската кошарка ќе има претставник и во квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ) и тоа повторно во ТФТ, кој доби шанса да се најде во ова натпреварување по откажувањето на По Ортез, кој не доби лиценца за настап во француската елита. Популарната Тафта противниците на патот кон групната фаза ќе ги добие на утрешната ждрепка. Играњето во квалификациите за ЛШ значи и сигурно место во групите од Еврокупот на ФИБА, право кое македонскиот тим најверојатно нема да го искористи бидејќи ќе им се совпадне со термините за настап во АБА2.