Пелистер: Сите се скромни во најавите, но ние не сме – одиме на трофеј во Купот!
Пелистер како домаќин амбициозно влегува во трката по пехарот „Благоја Георгиевски-Буштур“, што би било првпат во клупската историја, на втората куп-завршница во овој град. Битолчани играат одлично сезонава, како на домашна сцена така и во АБА2-лигата.
„Тука гледам сите се некако премногу скромни со изјавите, но јас нема да бидам таков. Од куп-завршницата очекувам многу повеќе и сигурен сум дека Пелистер ќе го игра натпреварот за трофеј в сабота“, изјави капитенот на зелено-белите, Александар Костоски.
Слични се размислувањата и на тренерот Дарко Радуловиќ, кој првенствено размислува за првиот противник, Феникс.
„Пелистер расте како клуб и тоа е видливо последните години. Последен дел од сложувалката е организацијата на овој турнир во Купот со спонзорот 'Таскфорс', што е уште еден чекор кон остварување на амбициите. Очекувам тридневен кошаркарски спектакл, на задоволство на сите љубители на кошарката од Битола. Феникс е традиционално незгоден противник за Пелистер, а ние во него влегуваме со пет одиграни натпревари во 13 дена. Размислувам само за првиот противник“, изјави тренерот Дарко Радуловиќ.
Средбата помеѓу Пелистер и Феникс е закажана како последна во четвртфиналната програма и ќе се одигра од 19.30 часот.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ (15.02)
(1) МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар 12 часот
(2) Еуро Никел – Чаир 2030 14.30 ч.
(3) Работнички – ТФТ 17 ч.
(4) Пелистер – Феникс 19.30 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ (16.02)
(5) Победник 1 – Победник 3 17 ч.
(6) Победник 2 – Победник 4 19.30 ч.
ФИНАЛЕ (17.02)
Победник 5 – Победник 6 18 ч.