Пелистер се засили со српски плејмејкер како потврда на шампионските амбиции!

Српскиот интернационалец Милош Николиќ (25 год, 185 см.) е најновото засилување за Пелистер во пресрет на вториот дел од сезоната во домашното првенство, но и во АБА2-лигата, каде што битолчани наскоро ги очекува настап на турнирот во Бања Лука, четврти по ред сезонава.

Станува збор за плејмејкер за кого ова ќе биде прв ангажман надвор од Србија, а кој последните две години ги мина во екипата на Вршац. Сезонава настапи на осум средби за овој тим со просек од 14,8 поени, 2,6 асистенции и 2,3 скока во КЛС-лигата. Професионалната кариера ја почна во Спартак од Суботица, каде што мина четири години, а една сезона одигра за екипата на Тамиш.

Николиќ ќе треба да донесе играч повеќе во ротацијата што на располагање ќе ја има тренерот Марјан Илиевски, по заминувањето на Бојан Трајковски, како и повредите на Стојан Ѓуроски и на Љубомир Младеновски. Поради ова, зелено-белите неодамнешниот дуел со Академија ФМП го одигра само со седум кошаркари, но и покрај тоа дојдоа до убедлив триумф (94-73).

Пелистер, кој во моментов е неприкосновено прв во Првата лига со скор 13-0, в недела во меч од 14. коло ќе му гостува на амбициозниот сезонава Феникс (11.30 часот).