Опомената се исплатеше: Знамето на УЧК засекогаш отстрането од средбите на Чаир!
Спорниот симбол можеше да се види на поголемиот дел од средбите на чаирчани на домашен терен сезонава, но првата реакција дојде на претходниот дуел на овој тим пред своите навивачи и тоа од единствената дама меѓу делегатите, Елена Велкоска. Таа побарала знамето да се тргне, што во моментот било сторено, но потоа истото било вратено без реакција од официјалните лица, поради што делегатката беше опомената од комесарот Александар Милојевиќ за несовесно работење, иако таа прва меѓу колегите собра храброст да укаже на овој проблем. Синоќа на местото каде што вообичаено стоеше знамето на УЧК имаше зголемено присуство на редари и полиција, па средбата мина според правилата на КФМ, без присуство на спорни националистички симболи.
За Чаир 2030 ова беше седма победа во осмиот меч сезонава во Првата лига, што им ја донесе лидерската позиција на табелата со идентичен скор со ТФТ, кој има полоша кош-разлика.