Наумоски се збогува: Со ингеренциите што ги имав го извадив – максимумот!

Досегашниот предводник на македонската кошарка Петар Наумоски, кој после четири години го заврши своето владение со макбаскетот, препуштајќи му го кормилото на Перо Антиќ по денешното изборно Собрание, преку сооопштение се збогува и посочи дека со ингеренциите што ги имал – го извадил максимумот.

Наумоски во соопштението преку интернет-страницата на куќата на кошарката посочи дека успешно ја воделе федерацијата, а како најголем успех ја посочи деблокирањето на сметката после 16 години. Доскорешниот претседател на новото раководство предводено од Антиќ, со кого во минатото жестоко се препукуваа им посака успех и добри резултати во работењето.

Целото соопштение на Наумоски во го пренесуваме во целост.

„Би сакал да им се заблагодарам на сите соработници и поддржувачи во изминативе четири години, да истакнам дека заеднички се донесоа доста промени, позитивни во интерес на кошарката.Можеби некој ќе каже дека можело повеќе, јас ќе кажам дека секогаш може подобро и повеќе меѓутоа уверен сум дека со овие ингеренции што МКФ и раководството ги има ова е максимумот.

Сметам дека и се оддолживме на оваа спортска институција и на кошарката преку нашето ангажињаре и посветеност во последните четири години.

Ја деблокиравме 16-годишната блокада на сметката на федерацијата, ги вративме сите долгови што само во континуитет се таложеле, ја доведовме федерацијата во стабилна, сигурна, па и профитабилна организација, што всушност е работа и обврска на едно успешно раководство на која било институција.

Кошаркарскиот дом за федерацијата е добиен од пред 15-на месеци, но сè уште го немаме добиено во владение поради имотно правни кочници и таму беше зацртана целата програма за развој на младите во текот на сите 12 месеци во годината, а не само 45-60 дена пред секое европско младинско првенство.

На новото раководство им посакувам успех и добри резултати во нивното работење“, посочи Наумоски.