Најдобриот центарец и официјално си замина - потпиша за бугарскиот пандан на Работнички!

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички и официјално остана без најдобриот поединец во последните две сезони, бугарскиот интернационалец Чавдар Костов, кој денеска и официјално потпиша договор со екипата на Левски Лукоил.

Станува збор за бугарскиот пандан на центарци, тим со најмногу титули кај источниот сосед, кој пред две сезони стана уште појак со спојувањето на Левски со Лукоил Академик. За Костов тоа всушност е враќање во старото јато, со оглед што претходно настапуваше за „студентите“ од Правец со кои освои пет шампионски титули и три трофеи во Купот на Бугарија.

Тој ќе остане како еден од подобрите странци во историјата на Работнички, со кој минатиот шампионат стана првак, а оваа дојде до пехарот во Купот на Македонија. Во втората сезона во која го носеше црвено-белиот дрес на 37 средби просечно реализираше 16,7 поени и 6,1 скок.

Покрај Костов, од таборот на центарци си заминаа и Бојан Крстевски, Димитар Караџовски, Бобан Стајиќ, Марјан Јанески додека Ѓорѓи Чековски и Димитар Мираковски се пензионираа. Мираковски веднаш беше промовиран во прв тренер додека неговиот претходник, Марин Докузовски ќе ја има улогата на шеф на стручниот штаб на Работнички.