МЗТ тргна во војна со Перо Антиќ и се закани со тужби и - кривични пријави!

Одлуката на раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за поништување на сезоната 2019/20 без да се прогласи шампион, очекувано, донесе револт во таборот на МЗТ Скопје, чии челници беа на став дека треба да бидат крунисани поради лидерската позиција на табелата во моментот на прекинот со две победи повеќе во однос на најблиските конкуренти.

Аеродромци потенцираат дека можеби ја загубиле битката, но дека војната против Перо Антиќ и соработниците продолжува. Тие се закануваат со судска разрешница и со кривични пријави, ако се утврди дека постоела некаква злоупотреба на службената должност во периодот додека се „крчкала“ одлуката за начинот на кој ќе биде завршена сезоната.

Соопштението на актуелниот првак од минатиот шампионат ви го пренесуваме во целост.

„Перо Антиќ ќе имаше уште поуспешна кариера, само да беше така упорен, ангажиран и фокусиран на паркетот како што беше изминативе 40-тина дена во битката за остварување на сопствената и желбата на коалициските партнери да го остави МЗТ Скопје без валидација на трудот и резултатите остварени на паркетот во периодот од август 2019 до средината на март 2020 година.

Одлуката за поништување на сезоната без да се прогласи шампион не нѐ изненади, знаејќи под какви притисоци и закани беа прво клубовите, а потоа и членовите на Управниот одбор, кои мораа по неколку пати да се изјаснуваат само за да го изгласаат тоа што го посакуваше Антиќ со своите „партнери“. Одборниците беа ставени пред свршен чин, да гласаат само за еден предлог, наметнат со претходно сомнително гласање на кое беше прогласена победа со само 40% од гласовите на присутните, а меѓу кои имаше и луѓе кои немаа било каква формална конекција со клубовите кои ги претставуваа. На членовите на УО им благодариме на првичната поддршка со 13 од 16 можни гласа и за реалното размислување, кога од нив беше барано слободно да дадат мислење, а не само да гласаат за наметнато решение. Само се надеваме дека и тие сфатија со кого соработуваат, поради што очекуваме во најбрзо време и нивни оставки како морален чин поради деспотскиот однос на првиот меѓу еднаквите во нивното друштво.

За МЗТ Скопје Аеродром борбата против самобендисаноста и деспотизмот на Антиќ не завршува со оваа негова одлука. Нашето барање за вреднување на тоа што се случуваше на паркетот, во ситуација кога не по наша вина дојде до една ваква уникатна ситуација и прекин, ќе го пренасочиме кон судските инстанци. Ќе побараме надлежните органи да ја прочешлаат работата на КФМ, да се види дали имало злоупотреба на должноста, дозвола за гласање на невалидни лица и многу други небулози и сомнителни работи за кои знаеме или сме слушнале. Ако треба, во договор со нашиот адвокатски тим, ќе поднесеме и кривични пријави, со цел правдината да излезе на виделина, особено во делот како пласманот во Првата лига е поништен, а пласманот во Втората лига е валиден, што само по себе е небулозно и правно неиздржано.

Истовремено, ќе побараме да ни се вратат сите пари кои сме ги платиле на сметката на КФМ за сезоната 2019/20, која, според одлуката на Куќата на кошарката, како и да не се одиграла. Тоа се однесува на котизација, казните, парите за лиценци на странските кошаркари и сите останати давачки. Ако нешто не постоело, тогаш не гледаме зошто би плаќале за тоа. Истовремено, ги охрабруваме сите останати клубови да ни се приклучат кон ова барање, бидејќи и тие се оштетени со поништувањето, кое им го брише целиот вложен труд и остварени успеси и победи, без разлика на пласманот на табелата.

Од денеска, Перо Антиќ и неговите соработници повеќе не постојат за МЗТ Скопје Аеродром. Тие дојдоа на власт со мотото „спортот на спортистите“, но сѐ што направија досега е да заштита на сопствените и на интересите на малата група која е собрана околу нив, а со која ги врзуваат не само спортски конекции. Ова е само загубена битка, но - војната продолжува, во која „противникот“ има повеќе да загуби од нас, бидејќи ние сме тие што создаваме играчи, а КФМ е само организатор на првенства со наши пари.

И ќе војуваме сѐ додека КФМ и нејзиниот претседател не престане да биде за едни мајка, а за други маќеа. Сѐ додека Антиќ и другарите не почнат да работат во интерес на сите, а не само за своето бизнис-лоби. Сѐ додека не победи кошарката“, се вели во соопштението на тимот од „Јане Сандански“.

Управата на МЗТ Скопје во меѓувреме поднесе и конкретен предлог за доигрување на сезоната кога ќе се создадат услови само со македонски кошаркари, што беше одбиено од останатите прволигаши, па воопшто не беше даден на гласање пред членовите на Управниот одбор на КФМ.