МЗТ Скопје се засили со најдобриот стрелец во Полска и со - Морнар од Хрватска!

Актуелниот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, од денеска има далеку поквалитетен ростер, откако од клубот информираа дека потпишале едногодишни договори со Американецот Џабари Хиндс (27 год, 181 см) и со Хрватот Марин Морнар (26 год, 205 см).

Станува збор за кошаркари со солидно европско искуство, од кои аеродромци очекуваат да бидат од голема помош во обидот да се дојде до зацртаните цели, а тоа е одбрана на титулата, враќање на куп-пехарот и борба за врвот од табелата во АБА2-лигата.

Хиндс, кој игра на двете бековски позиции, во „Јане Сандански“ доаѓа како најдобар стрелец во Полска, настапувајќи за екипата на Кросно, во која на 30 средби просечно реализирал 21,7 поен заедно со 5,1 асистенција и 2,8 скока. Претходно, настапувал две сезони за Вест Вирџинија универзитетот, а ист период минал и во дресот на екипата од Универзитетот Масачусетс. Европската кариера ја почнува во тимот на Сигал Приштина (2016/17) со просек од 13,3 поени на вкупно 45 средби одиграни за оваа екипа. Потоа се сели во Унгарија, каде што игра за Атомерому и каде што на 34 средби просечно реализира 15,9 поени со 4,2 асистенции и 2,7 скока.

Морнар, пак, кој игра на позицијата крилен центар, без разлика што е роден во Загреб, нема настапувано за тим од Хрватска, а првите сериозни кошаркарски чекори ги прави во дресот на Универзитетот Лајола Меримаунт за кој настапува во периодот од 2012 и 2016 година. Најдобар учинок имал во претпоследната сезона во овој тим од НЦАА-лигата кога просечно реализирал 9,9 поени со 5,3 скока.

Европската кариера ја почнува во данскиот прволигаш Хорсенс (2016/17), додека следната година игра за шведскиот тим Борас. Јавноста на просторите од поранешна СФР Југославија подобро го запознава лани кога потпиша за црногорскиот АБА-лигаш Морнар. Таму не се задржа долго, па по одиграни 11 средби сезоната ја доврши во австриската екипа Флајерс Велс.

Претходно, за МЗТ Скопје потпиша кенискиот интернационалец Нуни Омот, кој се очекува да пристигне во македонската престолнина во текот на следната недела исто како и ново ангажираниот двоец Морнар-Хиндс. Тренерот Ѓорѓи Кочов вчера ги почна подготовките за новата сезона со шестмината македонски репрезентативци кои се под договор со тимот од Аеродром и тоа Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко и Бојан Крстевски, заедно со пет помлади кошаркари чие време во сино-белиот дрес допрва доаѓа како Иван Волкановски, Ранко Мамузиќ, Леонид Тодоровски, Бојан Стојановски и Љубиша Димитровски.