МЗТ без Трајковски, но со 200 навивачи ќе проба прв да го освои „Градски парк“!

Актуелниот македонски шампион, екипата на МЗТ Скопје, најавува борба за секоја топка и максимален обид да му го симне ореолот на единствен досега непоразен тим во Првата лига на најголемиот ривал Работнички, во вечерашната пресметка во „Градски парк“ (18 часот) од 19. коло од кошаркарската елита.

Сино-белите се максимално мотивирано пред ова гостување, особено по триумфот против најголемиот ривал во неодамнешното финале од Купот на Македонија. Најголем проблем за тренерот Жељко Лукајиќ е неиграњето на повредениот Бојан Трајковски, но и враќањето на Американецот Маркус Гинјард во составот на противникот, со оглед на неговото отсуство во претходниот дуел во Кавадарци. За „металците“ ова е последен обид да се направи исчекор кон бодовно приближување кон центарци, со оглед на фактот што ривалот во моментов има дури пет победи повеќе.

„Воопшто нема да ни биде лесно вечерва, без разлика што го совладавме Работнички во последниот дуел. Гостувањата во 'Градски парк' секогаш се приказна за себе, таму противникот секогаш дава повеќе, за што говори и неприкосновениот скор сезонава. Свесни сме дека само ако одиграме перфектно ќе може да триумфираме во овој натпревар. Мотивираноста дефинитивно не изостанува, сакаме да победиме и веруваме дека ако одиграме максимално квалитетно и според зацртаниот план ќе можеме да дојдеме до целта“, вели Дамјан Стојановски.

Свои сметки во овој дуел имаат и избраниците на тренерот Марин Докузовски, кои функционираат како швајцарски часовник во средбите од Првата лига. Максималниот учинок од 18 победи во низа се главната причина што Работнички влегува како фаворит во овој дуел, секако заедно со фактот што играат во својот „Градски парк“, каде што нивните навивачи знаат да направат вистински пекол. Црвено-белите немаат кадровски проблеми, сите во тимот се максимално подготвени да го дадам максимумот во дуелот, кој би можел и да им го запечати првото место не само пред Суперлигата туку и за во плејофот.

„Наша главна цел сезонава е да ја вратиме титулата во 'Градски парк' и во вечерашниот дуел со МЗТ гледам само како една мала пречка на патот кон нејзиното остварување. Растеме како екипа од меч во меч, а желни сме да се реваншираме за поразот во Кавадарци. Ова не е натпревар 'да се биде или не' ниту за еден од противниците, но секогаш е добро за моралот и атмосферата да се победи најголемиот ривал“, вели Американецот Гинјард.

Претходниот првенствен дуел заврши со триумф на Работнички среде „Јане Сандански“ (76-71), додека во куп-финалето славеше МЗТ Скопје (76-67). До крајот на сезоната сигурни се уште најмалку две вечни пресметки во Суперлигата, а со оглед на ситуацијата во лигата воопшто нема да биде изненадување овие два тима да се сретнат и во финалето од плејофот, како кулминација во која ќе уживаат сите кошаркарски вљубеници кај нас.

Најавите се дека „Градски парк“ ќе биде претесен да ги прими сите што сакаат да ги проследат мајсториите на пулените на Докузовски и на Лукајиќ, а дополниотелен шмек ќе биде присуството на околу 200 гостински навивачи, нешто на што не сме биле сведоци на дерби-пресметките во последните три години. Според статистиката на МКФ, ова ќе биде 139-то вечно дерби во историјата. Судии на натпреварот ќе бидат Игор Митровски, Александар Милојевиќ и Александар Павлов. Предвиден е телевизиски пренос на МТВ.