МЗТ се врати по минус 16 и по голема битка ја освои Битола!

Кошаркарите на МЗТ Скопје како убедлив лидер на прволигашката табела ќе ја завршат 2022 година, откако вечерва, во последниот меч пред новогодишните и божиќни празници, по голема битка и со огромен пресврт со совладаа Пелистер (83-79) во Битола.

Ова беше деветтата победа во низа за „металците“ на домашна сцена, по која сега имаат скор 10-1, односно две победи повеќе во однос на првите следбеници, вечерашниот битолски противник и Гостивар, кои имаат учинок 8-3. Зелено-белите вечерва почнаа фантастично, редеа тројки во првото полувреме (вкупно седум) што им донесе највисока предност од 16 поени (34-18) во втората четвртина.

Но, кога сопре шутот почнаа проблемите, а тоа беше знак гостите од Аеродром да заиграат далеку подобри и полека, но сигурно да го „топат“ високото водство на противникот. Клучна се покажа серијата 11-2 во последната четвртина, со која сино-белите дојдоа до најубедливите плус осум (78-70), кои потоа умешно ги задржаа до крајот.

Мајк Кефи и Бојан Крстевски со по 22 поени и со шест асистенции односно седум скока беа најдобри кај МЗТ Скопје, додека веднаш зад нив беше Александар Бурсаќ со 19 поени. Хаџифејзовиќ и Карутерс со по 20 поени беа најпрецизни кај Пелистер.

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 10-1, Гостивар 8-3, Пелистер 8-3, Работнички 7-4, ТФТ 7-4, Еуро Никел 6-5, Феникс 6-5, Кожув 3-8, Кожув 3-8, Чаир 4-7 (-1), Академија ФМП 3-8, Куманово 2-9, Струмица 2-9.