МЗТ комплетен ги почна подготовките – ќе брка нова двојна круна и враќање во АБА!

Синоќешниот тренинг може да биде означен како официјален старт на подготовките на МЗТ Скопје за новата сезона, со оглед што тренерот Васко Атанасов и неговите помошници првпат на располагање ги имаа сите кошаркари на кои сметаат за претстојниот период во кој тимот од Аеродром ќе ја брани двојната круна и ќе атакува на враќање во АБА.

Последни на тимот му се приклучија Американците Ијасу Ворку и Седрик Расел, нешто претходно во Скопје пристигнаа и Србинот Душан Танасковиќ и Хрватот Марко Баковиќ, како и репрезентативците на Македонија, кои добија неколку дена повеќе за одмор поради обврските кон националната селекција.

Сино-белите подготвителниот период ќе го минат во Скопје, а првата контролна средба е закажана за на 5 септември кога ќе му гостуваат на грчки Арис. Потоа на домашен терен ќе ги пречекаат екипите на Пеја (8 септември), Гостивар (14 септември) и на Рилски спортист (18 и 19 септември). МЗТ првиот официјален натпревар ќе го одигра на 23 септември во македонскиот Суперкуп против Феникс.