![](https://sport1.mk/files/styles/article/public/article/2025/02/13/235424-mzt-go-rasturi-vechniot-rival-od-park-protiv-pelister-kje-brka-kup-finale.jpg?itok=dP7KcYfU)
МЗТ го растури вечниот ривал од Парк – против Пелистер ќе брка куп-финале!
Актуелниот освојувач на трофејот целосно го надигра најлутиот ривал и ја запиша третата победа во сезонските пресметки, а 13-та во последните 14 дуели со вечниот ривал од Градски парк. Екипата на Васко Атанасов, со исклучок на воведните минути, умешно го контролираше натпреварот. По изедначен почеток (16-16 во седмата минута), МЗТ со цврста одбрана ја презеде иницијативата и на првата пауза замина со 22-16.
Второто полувреме беше клучно за издвојување на убедливата победа. Работнички цели пет минути остана без поен, што МЗТ го искористи да ја зголеми предноста на 45-28 до полувремето. Во продолжението, аеродромци само ја зголемуваа разликата, водејќи со 65-40 пред последната четвртина. Последниот период беше само формалност, бидејќи шампионот имаше доволно простор да ги одмори носителите на играта и без проблеми ја запечати победата. Најефикасни во триумфот беа Едвин со 16 и Маслинко со 14 поени, додека во редовите на Работнички најдобри беа Капетановиќ со 16 и Полутак и Ефремовски со по 11 поени.
МЗТ Скопје во утрешното полуфинале ќе ги одмери силите со Пелистер, додека во вториот ваков дуел ќе се сретнат Кожув и Гостивар.