
МЗТ дури во финишот спречи сензација во дуелот против ФМП!
Без разлика што сите очекуваа лесна задача и убедлив триумф на шампионот, сино-белата чета триумфот го потврди дури со седумте поени во низа на крајот од средбата, откако гостите неочекувано изедначија на 72-72. Тие претходно дури и поведоа со 63-60, но едноставно немаа сили ниту квалитет да издржат до крајот против далеку посилниот и пореномиран противник. Аеродромци најдобро ја одиграа втората четвртина, во која дојдоа до највисоките плус 13 (31-18), додека „академците“, пак, блеснаа и во третиот период во кој со серија 11-0 од двоцифрена негатива дури дојдоа и до предност (48-47).
Војдан Стојановски со 21 поен и со едно промашување од поле (3/4 за тројка, 3/3 за двојка, 6/6 од слободни) беше лидер кај МЗТ, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Марко Баковиќ со 15 поени, Ејасу Ворку со 13 поени и Душан Танасковиќ со 12 поени и 10 скока. Омотао Огундиран со 29 поени, шест скока и седум асистенции беше најдобар кај ФМП.
Ова беше прв меч од 11. коло, последно од првата фаза од првенството во кошаркарската Прва лига. Останатите средби се играат претстојниов викенд.