Македонија добива супер-ѕвезда: Јакимовски од следната сезона ќе игра во Евролигата!?
Крилниот кошаркар вчера настапи во дресот на Тренто настапи на осминафиналната средба од Еврокупот на гости кај Венеција (94-90) со учинок од шест поени и девет скока и со одличен придонес за пласманот на неговиот тим меѓу осумте најдобри во ова натпреварување. На оваа средба на трибините биле претставници на Валенсија, шпанскиот претставник во Евролигата, кои дошле специјално за него. Јакимовски е во нотесот на тренерот Педро Мартинез, кој подолго време ги следи настапите на македонскиот кошаркар, поради што негови емисари дојдоа во живо да се уверат во квалитетите на Македонецот.
Дека работите околу евентуалниот трансфер на репрезентативецот во шпанскиот евролигаш се повеќе од сериозни се и разговорите кои луѓето од Валенсија ги имаат со луѓе од врвот на македонската кошарка и со тие што најблиско соработувале со Андреј. Причина за тоа е желбата на Мартинез да се увери дека Јакимовски нема само одлично кошаркарско педигре, туку и квалитетни човечки особини кои за него се дури и поважни тоа што го прикажува на паркетот.
Нашите информации велат дека Валенсија само се уверила во играчките и човечките квалитети на Јакимовски и дека веќе решила следново лето да стори се за да го доведе во своите редови. Со тоа Македонија би добила уште еден евролигашки кошаркар покрај Ненад Димитријевиќ, кој, за разлика од членот на Баерн Минхен, секогаш му е на располагање на националниот тим и никогаш не бара било какви изговори за да не го облече жолто-црвениот дрес.
Јакимовски пред да замине во САД каде што пет сезони играше во НЦАА лигата (четири во Вашингтон стејт и една во Колорадо универзитетот) настапуваше за второлигашот Торино, за по враќањето да потпише за Тренто каде што сезонава настапува повеќе од успешно. Во меѓувреме, стана лидер на репрезентацијата на Македонија без кого чија игра едноставно не може да се замисли.