Меѓу куп ѕвезди: Пред пет години играше за МЗТ, а сега е - најдобар стрелец во Турција!

Крајот на регуларниот дел од сезоната во кошаркарското првенство на Турција донесе неочекувано прво место за Турк Телеком пред евролигашите Фенербахче и Анадолу Ефес, како и доминација меѓу најдобрите стрелци на добро познато име во македонската кошарка.

Станува збор за Џордон Крафорд, поранешен кошаркар на МЗТ Скопје, кој сезоната во дресот на Бујукчекмеџе ја заврши со просечна реализација на 19,5 поени по натпревар. Негови најдобри средби сезонава беа против Бурсаспор кога постигна 37 поени и против Тофаш, кога реализира еден поен помалку. Пропушти само еден меч, а вкупно реализира 567 поени и 163 асистенции, што го прави петти најдобар додавач во Турција со просек од 5,6 асистенции.

Крафорд за МЗТ Скопје настапуваше во 2018 година, кога беше најзаслужен за освојување на Купот на Македонија во Кавадарци, со победи над Блокотехна во полуфиналето и Работнички во големото финале.