
Маџари со трофеј и спектакуларно шоу го прослави пласманот во Првата лига!
Предводниците на амбициозниот тим од Гази Баба со спектакуларно шоу го прославија пласманот меѓу најдобрите, каде што планираат да останат подолго време како состав кој ќе има што да каже во елитното друштво. Мечот беше организиран на начин на кој треба да им позавидат и многу прволигаши, со церемонија на прогласување која треба да продолжи да биде стандард и во Првата лига. Најефикасен кај Маџари во големото финале беше Љубиша Димитровски со 22 поени, додека ветеранот Ивица Димчевски додаде 20, додека кај Ангели најистакнат беше Стојанов со 14 поени. Пехарот на победничкиот тим го врачи новиот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, Томе Главчев.
Маџари е тим што пред три години повторно се активираше на кошаркарската сцена, за кратко време успеа да се искачи на врвот на Втората лига и да обезбеди настап меѓу најдобрите. Станува збор за клуб со богата историја, кој долго време беше респектиран второлигаш и третолигаш, без настапи во елитата, но секогаш конкурентен и непредвидлив противник. Клубот е еден вид спортска реинкарнација на поранешната гордост на населбите Маџари, Хиподром, Триангла, и пошироко – општина Гази Баба. Првиот кошаркарски чекор во оваа екипа го направи и познатиот тренер Марјан Илиевски, кој подоцна остави белег како играч и стратег во македонската кошарка. Тој е иницијаторот за обновувањето на клубот, поддржан од неколку поранешни соиграчи.
Преку клубот Маџари во минатото поминале и реномирани македонски кошаркари и тренери како Емил Рајковиќ, Ацо Тодоров и Перо Стамески.