
Куманово жестоко казнет за хаосот со МЗТ – 400.000 денари и „пола сезона“ без публика!
Мешаницата се случи на полувремето од средбата, кога дел од домашните навивачи влегоа во теренот и се обидоа да го нападнат домашниот кошаркар, Тадија Тадиќ, односно да му го соблечат дресот. Тогаш дојде до туркање и влечење, во што настрадал и играчот на гостите, Марко Миловановиќ, кој бил турнат од непознато лице. Само поради брзата реакција на полицијата не дојде до поголем проблем, но тоа и не беше некоја олеснителна околност за кумановци, кои средбата ја доиграа пред празни трибини кои во меѓувреме беа испразнети на барање на судиите.
Највисок дел од паричната казна е според Дисциплинскиот правилник и тоа во износ од 352.000 денари заедно со еден меч суспензија, а останатите две се според Пропозициите за натпреварување. Куманово е казнет со два меча играње без публика и 32.000 денари поради „неспортско навивање кое предизвикало прекин подолг од пет минути“, а дополнителен еден дуел пред празни трибини и екстра 16.000 денари е за „влегување на неофицијални лица на терен“.
Ова значи дека избраниците на тренерот Марин Докузовски без публика ќе го играат мечот за третото место против Работнички, во кој водат со 1-0 по вчерашната победа во Скопје, како и првите три домашни средби од следната сезона.