Кожув прокоцка +16 против Работнички, Пелистер ги здроби Ангели со 54 разлика!

Работнички ја запиша шестата победа во Суперлигата, откако вечерва триумфираше со 100-85 по огромен пресврт против Кожув, додека Пелистер продолжи да реди победи во шампионатот и нивна „жртва“ вечерва беше екипата на Ангели.

Возбудлива кошарка се играше меѓу Работнички и Кожув од самиот старт, а по водството од 10-3 на домаќините до крајот на првата четвртина гостите успеаа да направат пресврт и да стигнат до 24-23.

Кожув во втората четвртина доминираше против Работнички благодарение на одличниот Николовски, па на паузата гостинскиот тим замина со предност од 53-41.

Екипата од Гевгелија одлично го отвори и второто полувреме, па стигна до +16 (59-43), но Работнички се разбуди од сон и со одлична серија успеаа да поведат со 73-71, по што во последната четвртина сигурно ја одржуваа предноста и триумфираа со 100-85.

Џексон Пол блесна во тимот на Работнички со 41 постигнат поен, додека кај Кожув најдобри беа Вилијамс со 22 поени и Симоновски со 20.

Пелистер го отвори мечот со серија од 6-0, по што Ангели успеаа да намалат на 5-6, но битолскиот тим благодарение на Кесар и Малешевиќ ја добија првата четвртина со 36-26.

Ангели почнаа да го губат своето темпо во натпреварот во втората четвртина, па така Пелистер играше одлично и на полувреме замина со убедливи 69-44, по што беше јасно кој ќе слави на крајот.

Второто полувреме беше само рутина за гостинската екипа, која постојано ја зголемуваше својата предност до убедливи 142-88 и така го запиша деветтиот триумф во македонската кошаркарска Суперлига.

Малешевиќ постигна 33 поени за екипата на Пелистер, додека Кесар постигна 25. Кај Ангели најефикасни беа Васар со 30 поени, а Делоски постигна 29.

МЗТ Скопје 2 загуби на домашен терен од Еуро Никел со 66-81 и така ја продолжи ужасната серија во домашниот шампионат.