Кожув остана во игра за плејоф, Работнички го реши вториот тим на МЗТ

Кожув е првиот тим кој ги одигра сите 22 натпревари во регуларниот дел од сезоната во кошаркарската Прва лига, откако вечерва го победи Куманово со 79-76, додека екипата на Работнички беше поуспешна од младиот состав на МЗТ Скопје УНИ Банка (70-61).

Гевгеличани мораа да триумфираат за да останат во игра за пласман во плејофот, а нивниот почеток на мечот изгледаше ветувачки бидејќи ја добија првата четвртина со 27-14, по што на полувреме заминаа со 47-30.

Кумановци во вториот дел се обидоа да ја вратат резултатската неизвесност, но не им одеше најдобро бидејќи Кожув пред крајот на третата четвртина имаше +19 (60-41). Куманово тргна фуриозно во последниот дел од мечот, но не успеа да направи ништо повеќе, освен да запиша пристоен пораз од 76-79.

Марко Симоновски постигна 17 поени, осум асистенции и осум скокови за Кожув, додека кај Куманово најдобар беше Џекиќ со 22 поени.

Вториот тим на МЗТ добро се држеше во првото полувреме против Работнички, па на паузата замина со негатива од 32-36. Сепак, „штркчињата“ направија пресврт во третата четвртина (42-41), иако не го задржаа долго водството.

Работнички во последниот период од играта го полнеше кошот на МЗТ, а притоа достигна водство од +11 во самиот финиш, по што вториот тим на МЗТ успеа само да го ублажи поразот (61-70).

Мулалиќ постигна 20 поени кај Работнички, додека Зекири беше најдобар кај противникот со 17 поени.