Кожув ја сомле Струмица со 51 разлика, Еуро Никел го освои Куманово

Кожув ја растури Струмица и ја победи со 51 разлика (104-53), а Еуро Никел го освои Куманово победувајќи со 72-63 во денешните два меча од кошаркарската Прва лига.

Првиот меч на повратникот на клупата Александар Јончевски кај гевгеличани донесе убедлив триумф во кој уште на полувреме беше јасно дека Кожув ќе победи, а во две од четирите четвртини имаа фантастичен напад со по 31 поен, за да надминат стотка и да ги наполнат струмичани.

Гордон имаше блескав настап за гевгеличани и стигна до 28 поени, осум скока и шест асистенции, а Јузбашиќ со 11 поени и девет скока беше втор најдобар кај победничкиот тим. Крстајиќ со 20 поени и шест скока беше најдобар кај Струмица.

Еуро Никел стигна до осмата победа откако го победија Куманово, па предноста што ја направија во првиот дел, успеаа да ја одбранат во вториот за да слават нова победа во која Планиниќ со дабл-дабл од 15 поени и 12 скока беше предводник, а Стојановски беше надополнување со 14 поени.

Кавадарчани на пауза заминаа со 14 поени предност (42-28), но на стартот на третиот дел Куманово брзо се врати и дојде до егал 47-47, па имаше и напад за водство, по што Еуро Никел одговори со серија 6-0, но мечот го скршија Планиниќ и Џекиќ со две тројки за големи плус девет (61-70) по што кумановци немаа сила за пресврт.

Џонер даде 19 поени со седум скока, а Јанески со 12 поени и девет скока беа најдобри поединци кај домаќините.

Еуро Никел со скор 8-5 е петти, Куманово сега е на 3-10, зад Кожув кој има скор 5-10, а Струмица остана фенерџија со само две победи досега.