„Кошарката е во подем, репрезентацијата со млади сили ќе се врати на старите патеки!“

Македонската кошарка и во следните четири години ќе биде предводена од Перо Антиќ, кој денеска доби речиси едногласен мандат од присутните членови на Собранието на КФМ, од кои само еден не му даде поддршка.

По добиената поддршка, тој храбро изјави дека кошарката била во подем и дека тој и неговиот тим ќе продолжат да работат на обезбедување подобри услови.

„Не гледаме на годините и на мандатите, само само да работиме на создавање услови. На стартот имавме проблеми со коронавирусот, но сега сме поискусни и знаеме каде се движиме. Кошарката е во подем, а ние ќе продолжиме да работиме да има подобри услови, пред се за развој на младите. Тие се број еден и на нив треба да се концентрираме. Гледаме да имаме што е можно помлади играчи во најдобрата селекција, да не чекаме да наполнат 30 години па да ги вклучуваме. Сакаме да им дадеме шанса на сите таленти, бидејќи смената на генерации е неминовна. Така беше и со нас по ЕП 2011 во Литванија. Истовремено, мора да имаме трпение со новите момци, кои треба и да ги чекаме бидејќи ќе бидат нашата иднина. Сакаме да имаме што е можно млади играчи кои десет до петнаесет години ќе бидат заедно во националниот тим. Сигурно ќе мора да истрпиме некои резултатски порази, но тоа ќе биде една школа за сите нив“, изјави ново-стариот прв човек на КФМ.

Антиќ на „власт“ дојде во 2019 година на местото на Петар Наумоски. И тогаш како и сега немаше противкандидат на изборите.