Кошаркарската елита почнува викендов, ама без двете екипи што се во карантин!

Кошаркарското првенство дефинитивно ќе почне претстојниов викенд, една недела подоцна од предвиденото и покрај најавите за евентуално ново пролонгирање поради појавата на позитивни на Ковид-19 во неколку прволигашки екипи.

Според последните информации од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), шампионатот ќе стартува со два одложени натпревари и тоа тие на Академија ФМП и на Вардар, со оглед што сите кошаркари од овие двете екипи се ставени во – карантин. „Академците“ бидејќи имаат седум кошаркари и еден член на стручниот штав заразени со коронавирусот, а „вардарци“ поради фактот што играа пријателски меч против овој ривал непосредно пред појавата на Ковид-19 во составот од Кисела Вода. Ова значи дека мечевите помеѓу Академија ФМП и Гостивар, односно помеѓу Вардар и Црн Дрим ќе се одиграат во термин што дополнително ќе биде одреден.

Уште од претходно беше одредено дека вечното дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје наместо викендов ќе се одигра следната среда (14 октомври), со цел центарци да имаат дополнително време за враќа во форма по 14-дневниот карантин на кој беа приморани, откако нивниот Американец Демиер Питс имаше позитивен тест на коронавирусот.

Ова, воедно, е новата реалност во македонската кошарка, со оглед што според искуствата од другите спортови, пред сѐ од ракометот, вакви одложени средби и привремени прекини се очекува да има повеќе во текот на сезоната. Згора на тоа, комесарот за натпреварување, Сречко Хорват, ќе се соочи со промени во предвидениот распоред, со оглед на настапот на Работнички и на МЗТ Скопје на најавениот ноемвриски турнир во АБА2-лигата, кој треба да се одржи на Златибор (Србија) и да трае најмалку две недели.

Според сето ова, в сабота и недела треба да се одиграа три средбi и тоа помеѓу ТФТ и Куманово, Кожув и Пелистер односно помеѓу МЗТ Скопје УНИ Банка и Еуро Никел.