Кошаркарите се жалат: Клубовите ни ги скратија платите без било каков дијалог!

Асоцијацијата на кошаркарски играчи (АКИ) кај нас со соопштение до медиумите се обидува да ја запознае јавноста за случувањата во последните месеци, односно за кратењето на платите кои требале да ги земат за месеците март, април и мај во кои речиси и да немаше спорт поради пандемијата со коронавирусот.

Последните прволигашки натпревари беа одиграни на 8 март, по што првенството беше прекинато, што е причината поради која екипите решиле, секоја на свој начин, да ги намалат или целосно да не ги исплатат примањата на кошаркарите за деновите во кои немало тренинзи и мечеви. Одлуките на клубовите се движат од целосно неисплаќање за последните три месеци, до намалување за 50, 70 односно 80-отсто во зависност за која екипа станува збор и за кој месец. АКИ во повеќе наврати барала состанок, но до него не дошло поради немање интерес од страна на прволигашите.

„Во текот на месеците април, мај и јуни, Асоцијација на Кошаркарски Играчи неколку пати побара средба со Кошаркарска Федерација на С. Македонија, клубовите членки на Прва Лига Мажи како и до Здружението на Прва лига Мажи со цел да дискутираме за сите аспекти од кризата која е присутна по официјалното прекинување на првенството поради прогласување на пандемија со вирусот КОВИД 19. Асоцијација на Кошаркарски Играчи со сите засегнати страни сподели и предлог решение согласно препораките од Меѓународната Кошаркарска Федерација – ФИБА, а е поврзано со надоместокот на играчите за овој период.

По многубројни обиди, успеавме да реализираме средба на која присуствуваa само представници од Кошаркарска Федерација на С. Македонија која покажа спремност да посредува меѓу засегнатите страни во изнаоѓање на заедничко прифатливо решение.

Изненадени сме од фактот дека ниту еден претставник од клубовите не се одважи да присуствува на оваа средба, а крајно разочарани сме и од нивната незаинтересираност да разговараат за нешто друго освен за сопствените интереси. Уште еднаш сакаме да ги потсетиме клубовите дека играчите се главните двигатели во секој спорт. Би сакале да ја запознаеме јавноста дека кошаркарите, како и останатите спортисти, имаат многу пократок работен век од останатите професии, а истовремено нашите трошоци за работа се многу поголеми (годишни договори на 10 месеци, непокриено здравствено и пензиско осигурување, набавка на опрема и сумплементи, чести повреди и лекарски интервенции, покривање на трошоци за одржување во тренажен процес и во месеците на пандемијата, итн.).

Во овие тешки моменти за светот, но и за нашата држава како играчи во еден од најпопуларните спортови ја покажавме нашата солидарност со државата и разбирање на ситуацијата, истапивме со предлог решение за намалување на платите согласно препораките од ФИБА, а поднесовме и неколку барања за состаноци со цел постигнување на договор со сите кошаркарски клубови кои имаат професионален статус, извршуваат дејност спорт или учествуваат во распределба на ваучер системот од Агенција за Млади и Спорт.

Апелираме до сите засегнати страни, органи на државата, но и јавноста дека на удар е нашата егзистенција. Нашиот спортски дух и професионални стандарди ни наложуваат да го одржиме високото ниво на подготовки, следејќи ги сите препораки за зачувување на јавното здравје и здравјето на сите наши колеги, пријатели и членови на нашите фамилии, со цел кошарката да се врати на високо ниво веднаш по завршувањето на пандемијата со КОВИД 19. За жал, професионалноста е еднострана и клубовите членки на Прва Лига Мажи не работат по истите професионални стандарди и не ги подмируваат своите долгови кон играчите и покрај тоа што преку ваучер системот од Агенција за Млади и Спорт самите се веќе реализирани за сезоната за која зборуваме“, се вели во соопштението на АКИ.

Свое видување изразија и дел од членовите на асоцијацијата, кои ја искажаа ситуацијата во секој од прволигашите посебно.

Бојан Трајковски – Капитен на “КК Кожув” за сезона 2019/2020 та “Од клубот добивме одговор дека намалувањето на платите по преќинувањето на лигата ќе изнесува: 50% намалување за Март, 70% намалување за Април и Мај”

Јане Петровски – Капитен на “КК ЕуроНикел” за сезона 2019/2020 та “Последната исплата на договорите е заклучно со месец Март. Управата на ЕуроНикел е расположена за разговор помеѓу здружението на Прва лига Мажи и Асоцијацијата на Кошаркари подкрепено од страна на федерацијата, и постигнување на општо прифатливо решение за останатите месеци”

Дамјан Стојановски – Капитен на “КК МЗТ Скопје Аеродром” за сезона 2019/2020 та “Управата на клубот ме информираше дека намалувањето на платите по настанатата ситуација со пандемијата ке се одвива по следниов редослед. Намалување од 50% за месец Март, намалување од 70% за месец Април и намалување од 80% за месец Мај”

Мико Голубовиќ – Капитен на “КК Пелистер” за сезона 2019/2020 та “Во однос на исплатата на платите по прекинатото првенство добивме само 33% од платата за Март, клубот не извести дека е против предлогот даден од страна на Аосцијацијата на кошаркари и дека нема да ги исплаќа останатите средства договорени со играчите”

Ренато Димитриевски – Капитен на “КК Гостивар” за сеозна 2019/2020 та “Иако само нецела половина од Март трениравме и игравме натпревари, управата на клубот донесе одлука да не исплати за целиот месец Март. Во одлуката од клубот стои дека Април и Мај ќе бидат исплатени договорите со 50% намалување ”

Кирил Николовски – Капитен на “КК работнички” за сезона 2019/2020 та “Управата на Работнички ме информираше дека одлучила исплатата за месец Март да биде во целост, намалување во износ од 50% изнесува за исплата на платите за месеците Април и Мај”

Даниел Нацевски – Капитен на “КК ФМП Академија” за сезона 2019/2020 та “Одлуката на управата на ФМП која ми беше соопштена е дека клубот нема намера да исплаќа плати на кошаркарите членови на клубот за месеците Март, Април и Мај”

Дарио Митевски – Капитен на “KK МЗТ Скопје Унибанка” за сезона 2019/2020 та “Многумина од нас немаат сеуште професионални договори, односно бидејки сме најмлада екипа во првенството, примањата што ги имаме се во вид на стипендии. Клубот ни помогна со тоа што голем дел од играчите добија помош од АМС за месеците Април и Мај”

Игор Ивановиќ – Капитен на “KK Вардар” за сезона 2019/2020 та “Одлуката на клубот Вардар e дека играчите ќе бидат исплатени заклучно со 15ти Март и заклучно со овој датум клубот има обврски кон играчите. Клубот не информираше дека останатите играчи односно 80% од играчите користеле помош од АМС, со што некои од нив добиле и повеќе средства од тие кои ѓи имаат во договорите за наведените месеци”

Марјан Јанески – Капитен на “KK Куманово” за сезона 2019/2020 та “Не добивме никаков конечен одговор од управата како ќе постапува по ова прашање, сеуште не знаеме колкав износ од месечните примања треба да очекуваме”