Кочов: Работнички не беше подобар, самите сме си виновни за поразот!

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, по мечот беше самокритичен, потенцирајќи дека грешките кои ги направија неговите играчи во финишот се причината за поразот на неговиот тим на вечерашното гостување кај Работнички во првиот меч од финалната плејоф-серија.

На стратегот на „металците“ му е јасно дека неговиот тим сега нема право на грешка, а со тоа и дека притисокот сега е на нивна страна.

„Во првите три четвртини одигравме како што се договоривме, но во последниот период примивме 25 поени. Самите се победивме, а домаќинот ја доби средбата на нашите грешки. Работнички воопшто не нѐ надигра, самите сме си виновни за ова што ни се случи. Немаме многу време да жалење, мора да го оставиме овој меч зад себе и да се насочиме на следниот дуел на домашен терен. Ќе сториме сѐ што можеме за да го добиеме тој дуел. Притисокот е врз нас, но ние најмногу од сите ја посакуваме таа победа“, вели Кочов.

Сигурно олеснување за аеродромци за средбата в среда е што противникот нема да може да смета на Димитар Мираковски, кој играше извонредно сѐ до повредата во финишот од првото полувреме.

„Жал ми е за Мираковски, кој е извонреден кошаркар и како спортист знам колку е тешко кога ќе се повредиш. За нас тоа е мало олеснување, бидејќи станува збор за одличен играч, но Работнички е тим со долг ростер и ќе настојува неговото отсуство да не се почувствува. Вечерва Робинсон одлично ја презеде одговорноста токму во периодот кога Мираковски не можеше да биде на теренот“, дополни стратегот на МЗТ Скопје.

Ова беше шести дуел на вечните ривали сезонава, а меѓусебниот скор сега е 4-2 во корист на Работнички.