КФМ закажа вонредно собрание за да го зголеми бројот на - странци!

Челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска свикаа Вонредно собрание и тоа без физичко присуство, со цел да се направи промена во Регистрацискиот правилник.

Причина за ваквиот дописен собир односно гласање е промената на бројката на странски кошаркарки за настап во Првата лига-жени и тоа од досегашните две на вкупно четири. Но, истовремено, клубовите ќе мора во секое време задолжително да имаат најмалку две македонски кошаркарки на паркетот. Ова правило ќе важи само до завршување на регуларниот дел, Суперлигата и Плејуат-мечевите, додека во плејофот како и во куп-завршницата ваквото ограничување нема да важи.

Клубовите кои се членови на Собранието на КФМ имаат два дена за размислување, со оглед што за овој предлог може да гласаат потврдно, негативно или воздржано најдоцна до среда во 14 часот.