КФМ и клубовите на состанок без МЗТ Скопје разговараа за новата сезона!

Предводниците на македонската кошарка денеска имале состанок со претставници на прволигашите, поврзано со новата сезона и потенцијалните проблеми со кои клубовите и федерацијата би можеле да се соочат со оглед на пандемијата со коронавирусот.

На собирот единствено не бил присутен претставник на актуелниот шампион МЗТ Скопје, екипа која изминатиов период беше во војна со челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) сметајќи дека се ограбени со одлуката да се заврши минатата сезона без да се прогласи шампион. Во моменот на прекин, аеродромци беа убедливо прво со две победи повеќе во однос на директните конкуренти.

Соопштението на КФМ од денешниот состанок ви го пренесуваме во целост.

„На иницијатива на раководниот тим на КФМ, денеска беше одржан работен состанок со претставниците на клубовите кои во следната сезона 2020/2021 ќе се натпреваруваат во Првата машка лига.

Се дискутираше за неколку точки кои беа поставени на дневниот ред на состанокот.

1. Почеток на државното првенство 2020/21,

2. Протоколи за одржување на тренинзи и натпревари,

3. Начин на завршување на лигата доколку има непредвидени состојби,

4. Изјави за одговорност од клубови и играчи,

5. Финансиски долгувања на клубовите од мината сезона,

6. Избор на претседател на Здружение Прва лига-мажи,

7. Барање од асоцијација на играчи,

8. Разно.

Општ е впечатокот дека следната натпреварувачка сезона 2020/2021 во Првата лига-мажи треба да започне да се одвива во нови услови и проблеми со кои се соочува целата држава.

По доста обемната дискусија во која не беше вклучен само претставникот на МЗТ Скопје, беа донесени неколку заклучоци кои треба да се реализираат во наредниот период.

-Федерацијата до клубовите да го достави календарот и системот за натпреварување за сезона 2020/21 најдоцна пет недели пред планираниот почеток на сезоната.

-КФСМ ќе достави дополнителен протокол до клубовите за сите прашања кои не се опфатени со сегашниот.

-Заостанатите долгови и првата рата од котизацијата за сезона 2020/2021 да бидат платени една недела пред почеток на првенството.

-Канцеларијата на сениорски лиги да достави допис до клубовите со предлог за разрешување на Видоја Секулоски од досегашен претседател и предлог за нов претседател, Јован Христовски. Клубовите писмено да се изјаснат со дадениот предлог.

-Претседателот на асоцијацијата на играчи да ги изнесе ставовите на клубовите пред Собранието на играчите. Исто така да испрати допис до сите клубови за заклучокот кој ќе биде донесен на состанокот со играчите.

-Да се изготви предлог за исплата на плати за следната сезона доколку лигата повторно биде откажана или одиграна со вонредни мерки“, се вели во соопштението од Куќата на кошарката.