КФМ донесе нов протокол за играње, а кој ќе чини - 40.000 евра по клуб!

Паралелно со одлуката за конечен старт на новата сезона, клубовите се информирани и за Протоколот што ќе важи за тренинзи и натпревари во кој, меѓу другото, има спорна точка поради која прволигашите би можеле буквално да – банкротираат.

Станува збор за одредбата за задолжителен ПЦР тест и тоа на 72 часа пред секој натпревар, со кој би се откриле евентуалните асимптоматски заболени во клубовите.

„Спортските клубови се обврзани да спроведат ПЦР-тестирање на играчите и тренерите 72 часа пред почеток на секој натпревар од сопствени средства на клубот со цел откривање на асимптоматски инфицираните лица“, се вели во последниот параграф од првата точка на протоколот.

Токму одредбата дека ова тестирање ќе биде на трошок на прволигашите може да предизвика голем проблем за предводниците на екипите, бидејќи тоа значи огромен непланиран трошок за буџетите на тимовите. Теоретски, само за регуларниот дел од првенството, клубовите ќе треба да направат 32 тестирања за најмалку 20 луѓе, што земено со најефтиниот тест во моментов на пазарот од околу 50 евра ќе изнесува најмалку 32.000 евра по тим. Ако на ова се додадат и дополнителните луѓе во клубовите, заедно со средбите од плејофот, јасно е дека прволигашите ќе мора да издвојат по дури 40.000 евра само за оваа ставка од буџетот, што дефинитивно ќе биде проблем дури и за оние најбогатите и најорганизираните.

Редовни тестирања пред секои две кола има и во ракометот, но таму трошоците за ова се на товар на Ракометната федерација на Македонија (КФМ). Перо Антиќ и колегите прифатија само едно тестирање на трошок на КФМ, но предвидоа сите останати, пред секое коло, да бидат платени и самите екипи.

Останатите дел од протоколот е сличен како тие во другите спортови во сала, со напомена дека во случај на заразен со Ковид-19 во некој од прволигашите, одлуката за тоа кој ќе мора да замине во изолација ќе ја донесе регионалниот Центар за јавно здравје. Тоа значи дека и за еден позитивен во карантин би можела да оди цела екипа, што дефинитивно го загрозува регуларното одигрување на сезоната.