Капитенот и официјално прв го обнови договорот со МЗТ Скопје (ФОТО)

Македонскиот репрезентативец, Дамјан Стојановски ќе биде капитен на МЗТ Скопје и во следниот период, откако денеска и официјално стави потпсис на новиот двегодишен договор со актуелниот шампион.

Веќе искусниот бек првпат го облече сино-белиот дрес во 2012 година, а ако ја одработи до крај новата договорна обврска тогаш ќе заокружи цела декада како член на тимот од „Јане Сандански“. Зад Стојановски е можеби најдобрата сезона во кариерата и тоа со просек од 14,8 поени, четири скока и 1,6 асистенции на 22 средби во АБА 2 лигата и од 15,3 поени, 4,8 скока и 2,1 асистенции на 15 средби во домашната Прва лига. Тој досега има пет шампионски титули (2013, 2014, 2015, 2016 и 2019 година) и шест трофеи во Купот на Македонија (2007, 2009, 2013, 2014, 2016 и 2018), а четири пати беше избран за најкорисен МВП-играч во финалните серии од домашното првенство.

Се очекува наскоро потпис на договорот да стави и тренерот Ѓорѓи Кочов, за кого од Аеродром веќе потврдија дека ќе го предводи тимот и во следната сезона, а во екипата сигурно ќе бидат уште и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.