Илиевски: Ова беше мечот на сезоната - горд сум на тоа што го одиграа моите играчи!

Кошаркарите на Пелистер дојдоа до првата победа во една финална плејоф-серија во клупската историја, откако вечерва, на домашен терен, го победија МЗТ Скопје (82-79) во меч не толку квалитетен колку што беше возбудлив со гладијаторска борба за секој дел од теренот, што секако донесе задоволство кај тренерот Марјан Илиевски.

Тој истакна дека е горд на своите избраници, но и дека ова беше убедливо најдобриот меч сезонава во домашното првенство.

„Ова беше најдобриот натпревар досега во првенството, пред се поради одличната одбрана на двете екипи. Најважно од сѐ беше да се вратиме со сите пехови со повреди што нѐ следат, кошаркарите дадоа и повеќе од својот максимум поради што сум горд на нив, но и на сето ова што се случува во Битола овој период. Овој триумф секако ќе ни даде дополнителен мотив да се стремиме кон највисокиот врв, а се знае што е тоа во македонската кошарка. Такво нешто му посакувам на Пелистер и на моите кошаркари и сигурен сум дека ќе дадеме сѐ од себе во следниот дуели за да го оствариме тоа“, изјави Илиевски по мечот.

Третата средба од финалето, кое се игра до три победи, е на програмата задутре (вторник) повторно во „Јане Сандански“ во Скопје со почеток во 19 часот.

В.А.

ФОТО: КК Пелистер