Гевгеличани најавуваат спектакл во Купот и големо финале помеѓу – Блокотехна и Кожув!

Завршниот турнир на осумте најдобри екипи во кошаркарскиот Куп на Македонија ќе се одржи претстојниот викенд во Гевгелија, каде што се веќе максимално подготвени за организација на спектакл кој ќе се памети.

Заедничката улога на домаќини ќе ја имаат прволигашите од овој град, Блокотехна и Кожув, со помош на општина Гевгелија.

„Благодарност до МКФ за довербата која му ја укажа на нашиот град. Гевгелија дефинитивно е кошаркарски град и е единствената заедно со Скопје со две екипи во Првата лига. Верувам дека ќе ја оправдаме довербата. Како домаќин искрено се надевам и посакувам во големото финале да се сретнат Блокотехна и Кожув. Ветувам дека ќе бидеме одлични домаќини и дека ќе бидеме сведоци на фер и коректни натпревари со максимално спортска атмосфера“, изјави Сашко Поцков, градоначалник на Гевгелија.

Пофални зборови за градот-домаќин на завршницата од Купот имаше и спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски.

„Феноменалната атмсфера на натпреварот кој Македонија неодамна го одигра со Косово беше една од причините да го избереме овој град за домаќин на куп-спектаклот. Блокотехна и Кожув ќе ги покријат финансиските трошоци што исто така беше аргумент плус во овој правец. Верувам дека сѐ ќе мине во спортска атмосфера и дека ќе биде празник на кошарката“, вели Темелковски.

Четвртфиналните дуели се играат в петок, а во нив ќе се сретнат Блокотехна-АВ Охрид, Гостивар-Фени Индустри, МЗТ Скопје-Кожув и Работнички-Куманово.