Требаше да биде најнеизвесно четвртфинале, а на крајот беше меч со најмала резултатска неизвесност, а „виновници“ за тоа се кошаркарите на Еуро Никел, кои лесно и без мака го преслушаа Гостивар (84-75) и си закажаа полуфинален дуел со Работнички.

Кавадарчани со играта потсетија на шампионските денови од пред десетина години, кога предводени од Емил Рајковиќ доминираа во македонската кошарка. Победникот во денешната пресметка со должникот од Западна Македонија, кој двапати ги доби во регуларниот дел од сезоната, беше решен уште во првата четвртина (26-11), а потврдена на крајот од третиот период кога на семафорот стоеја највисоките плус 30 (74-44).

Потоа следуваше мало опуштање кај тимот предводен од Горан Самарџиев, што гостиварци го искористија за серија 16-0 и намалување на огромната негатива (60-74), но тоа беше сѐ што сторија. Кавадарчани врза неколку тројки и обезбедија победничка предност, па во финишот дури и ги ставија резервистите за носителите на играта да добијат некоја минута повеќе за одмор.

Џексон Дубински и Данило Мијатовиќ со по 17 поени беа најпрецизни кај Еуро Никел, додека Роберт Рикиќ имаше дабл-дабл ефект со 14 поени и 10 скока. Ивица Димчевски со 19 и Александар Тодоровиќ со 18 поени беа најефикасни кај Гостивар.

Полуфиналната пресметка помеѓу Еуро Никел и Работнички ќе се одигра утре со почеток од 19.30 часот.