
Емотивна исповед на судијката Ема: На баскет во Велес почна борбата за мојот – живот (ВИДЕО)
Таа сними емотивна исповед преку која ги откри деталите за борбата со неочекуван противник, која не само што успешно ја доби туку набрзо потоа ѝ се врати на својата прва љубов – кошарката. Нејзиниот живот се промени на почетокот од јуни, кога во Велес партијата баскет прерасна во битка за себе.
„Не можев да зборувам, не можев да изустам ниту збор. Ме фати паника и внатрешно се борев со себе си за да кажам нешто. Стравот стануваше поголем, по што седнав доле и почнав да дишам со цел да се смирам, но ситуацијата стануваше полоша. Главата почна да ми паѓа на десна страна, очите да ми се превртуваат исто на десно, што веќе беше знак дека е нешто сериозно. Не можев да ја мрднам десната рака и помислив – добро е, барем немам срцев удар, но почнав да размислувам на се друго. Лекарите брзо реагираа и ме пренесоа во болница“, емотивно вели Никочевиќ.
Снимките покажале тумор во нејзината глава, кој морал веднаш да биде опериран.
„Операцијата мина успешно, но деновите по неа беа најстрашни. Чекањето да се види каков е. По некое време ми се јави мојот доктор, Венко Филипче, со вест да не се плашам, дека туморот е бениген“, се навраќа македонската судијка.
Никочевиќ ја доби оваа битка и веднаш чим доби зелено светло од лекарите се врати на кошаркарскиот терен. Нејзината љубов кон кошарката дефинитивно ќе инспирира нови генерации да се занимаваат со овој спорт – било како играчи или како судии.