Циркуз: Денвер доби тужба од клупската маскота – била неправедно отпуштена!

Поранешната маскота „Роки“ на Денвер нагетс ја тужеше сопственичката група позади овој клуб, тврдејќи дека бил незаконски отпуштен додека бил на боледување поради операција на колк.

Дрејк Соломон, кој ја извршувал оваа улога од 2021 година до минатата сезона, наведува дека клубот го прекршил законот за заштита на лицата со инвалидитет. Тој истакнува дека постапката ја покренал не само за себе, туку и во име на други кои, според него, биле соочени со сличен третман. Соломон, чиј татко бил маскота на клубот цели три децении, раскажал дека дијагнозата во 2023 година сериозно му ги ограничила физичките можности. По најавата дека ќе мора на операција, раководството започнало да бара негова замена.

„Доаѓав на теренот и изведував потези со солзи во очите. Чувствував дека сум изневерен“, изјавил тој.

Клубот му понудил спогодба од 20.000 долари и договор за молчење, но тој ја одбил.

„Изгледаше сомнително, затоа побарав адвокати. Не сакав да заврши вака, но немав друг избор“, изјавил Соломон.

Тужбата е насочена директно кон семејството Кренке, сопственици на Денвер. Локалните медиуми побарале коментар од компанијата, но не добиле одговор. Случајот привлече големо внимание во јавноста, бидејќи сопственикот Стан Кренке и неговиот син Џош се меѓу најбогатите луѓе во спортската индустрија.