„Не знам дали заслуживме да победиме, но таков е фудбалот“

ПСЖ стави уште еден европски трофеј во своите витрини откако синоќа на спектакуларен начин го освои Суперкупот на УЕФА за 2025 година.

Континенталниот првак имаше два гола негатива во дуелот со Тотнем до 85. минута, но успеа да постигне два гола во финишот и потоа на пенали да стигне до титулата во ова натпреварување. Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике призна дека лондонскиот тим бил подобар во поголемиот дел од мечот и затоа не е сигурен дали победата на „светците“ е заслужена.

„Тешко ми е да зборувам за овој натпревар затоа што трениравме само 5-6 дена. Неверојатно е тоа што успеавме да победиме. Тотнем одигра извонреден меч, беше посилен и подобро подготвен од нас и затоа ни беше многу тешко. Не знам дали победата ни е заслужена, но таков е фудбалот и јас се радувам поради навивачите“, изјави Луис Енрике.

Ова беше петти трофеј за ПСЖ во 2025 година по оние во Суперкупот на Франција, домашното првенство, националниот Куп и Лигата на шампионите.