Драма во Аеродром: МЗТ загуби од Ираклис, ама - не се посрамоти (ФОТО)
Иако гостите беа фаворити, нашиот претставник одигра мошне добро во тесниот и крајно неефикасен натпревар. Во ниеден момент не му дозволи на противникот да го диктира темпото, а најмногу што успеа Ираклис да се одлепи беше девет разлика.

Тоа се случи во воведниот период кога Ираклис поведе со 19-10 и тогаш се чинеше дека може да дојде до лесна победа. Сепак, МЗТ брзо се консолидира, до крајот на четвртината намали на 21-26, а во втората хо комплетираше пресвртот и во еден момент водеше и со 37-36.

Ираклис го почна второто полувреме со серија од 7-0 за предност од 47-39, ама МЗТ повторно не дозволи тоа да го реши натпреварот. Се доближи на два поена, но во финалните десет минути двете екипи беа исклучително неефикасни, заедно постигнаа само 17 поени, а во такви услови грчкиот тим подобро се снајде и дојде до почетна победа.

Ноа Фарахан со 18 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, Варнер додаде 11, Тадиќ осум. И во второто коло македонскиот првак ќе биде домаќин, против естонскиот Тарту на 14 октомври.












