
Циркузијада: Сега КФМ го одложи плејофот додека клубовите не ги платат долговите!
Од Куќата на кошарката со официјално соопштение нагласија дека сезоната нема да продолжи сè додека сите клубови не ги исполнат своите финансиски обврски. Федерацијата посочува дека досегашната толеранција и разбирање се злоупотребени, што кулминирало со одлука на Судиската комисија да го бојкотира натпреварувањето поради неисплатени средства.
„Сè додека сите клубови не ги подмират своите финансиски долгувања, нема да продолжи натпреварувачката сезона“, се вели во соопштението на КФМ.
Во изминатите денови, раководството на Федерацијата одржало неколку состаноци со претставниците на судиите, при што било понудено 50-отсто од тековниот долг да биде исплатен веднаш, со што би се овозможило непречено продолжување на сезоната. Сепак, и покрај постигнатиот привиден договор, Судиската комисија го променила ставот и побарала комплетна исплата на обврските. Делителите на правдата, наводно, се плашеле дека ако прифатат половична исплата на долговите тие немале да бидат доплатени од новото раководство, кое наскоро ќе дојде во Федерацијата.
Дополнително, КФМ укажува и на недоволната поддршка од надлежните државни институции – не се исплатени средства од програми, ниту пак од игри на среќа. Дел од клубовите, пак, и покрај добиена финансиска помош, не ги подмириле своите обврски, а имало и случаи каде директно им било кажано да не ги плаќаат долговите.
Во обид да го стабилизира системот, Федерацијата обезбедила спонзор за Првата машка лига, со што клубовите беа ослободени од котизација. Единствени обврски што им преостануваат се лиценцирањето на странски играчи и евентуалните казни. КФМ најавува дека ќе продолжи транспарентно да ја информира јавноста за случувањата и ќе изнесе дополнителни докази и факти.
Целото соопштение прочитајте го ТУКА.