Бурлески: Дури седум прволигаши уште немаат сали каде што ќе играат сезонава!

На нешто повеќе од две недели пред почетокот на новата сезона во Првата лига, повеќе од половина екипи немаат сигурни сали каде како домаќини би ги играле натпреварите, откри Комисијата за проверка на спортски објекти при КФМ (види ТУКА).

Редовната инспекција на кошаркарските објекти покажа стравична ситуација – седум прволигаши или се уште немаат пријавено каде ќе играат или имаат пријавено сала која во моментов има добиена условна лиценца. Тоа значи дека објектот има сериозни пропусти во однос на Правилникот за лиценцирање и дека ако тие не бидат отстранети во најкус можен рок тогаш Куќата на кошарката ќе забрани играње во таа сала.

Засега само МЗТ Скопје, Пелистер, Тиквеш, Куманово и Феникс се сигурни дека имаат беспрекорни домашни терени, според сите стандарди на ФИБА. ТФТ и Маџари се уште немаат пријавено место каде што би играле, додека останатите пет тима имаат проблематични сали. Чаир, Кожув и Гостивар немаат премногу проблеми за да ги направат перфектни објектите во кои ќе играат, додека најголеми главоболки ќе имаат Работнички и Ангели. Центарци ја пријавиле салата на фискултурното училиште, која тешко дека во догледно време би можела да биде оспособена за прволигашка кошарка, а нешто слично би можело да се каже и за салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода, пријавена од новиот прволигаш.

Симптоматично е што Работнички го нема пријавено „Градски парк“ како место за играње домашни средби, што е показател дека овој кошаркарски храм нема да биде обновен на време пред почетокот на сезоната, како што беше најавено.