Антиќ лани потрошил два милиони евра од кои 230.000 на вработените во КФМ!

Финансискиот извештај за работата на КФМ во 2022 година беше прифатен на денешното Собрание, на кое главна точка беше реизборот на Перо Антиќ за претседател, кој беше и единствен кандидат за оваа функција.

Првиот човек на Куќата на кошарката лани располагал со буџет од два милиони евра (120 милиони денари), кој речиси цел го потрошил и тоа најмногу на националните селекции. Расходот за репрезентациите изнесувал скоро 80 милиони денари односно две третини од парите кои биле обезбедени минатата година. За други трошоци биле дадени 26,6 милиони денари, додека трета по големина ставка се скоро 230.000 евра потрошени на вработените во Куќата на кошарката. Од тоа, за редовно вработени се потрошени 150.000 евра, 50.000 за хонорарците, додека останатите се поради административни забрани и плаќања по судски решенија.

КФМ во 2022 година од државата добил скоро 800.000 евра и тоа по програма и наменски од АМС и преку ваучер-системот, а речиси идентичен е и приходот од ФИБА и организации на младинските Европски првенства. Средствата од маркетинг се незначителни и тоа едва 120.000 евра, речиси исто колку што платиле клубовите на име на котизации.

Екипите што се натпреваруваат се и единствените должници на Куќата на кошарката, кои до последниот ден од минатата година „борчеле“ 12,7 милиони денари или нешто повеќе од 200.000 евра.