Антиќ: Ќе пробаме да ја вратиме публиката и да ја кренеме репрезентацијата!

Тројниот европски шампион, Перо Антиќ, од денеска и официјално е прв човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), функција која ќе ја врши следните четири години во кои ќе проба да го врати стариот сјај на макбаскетот од времето кога играше во дресот на националниот тим.

Тој беше избран на денешното Изборно собрание и тоа без противкандидати, откако Владимир Темелковски се повлече, а досегашниот прв човек Петар Наумоски воопшто не се кандидира.

„Секако дека сум среќен, но искрено малку ми е и чудно во оваа улога. Веќе реков, мојата идеја е да составам силен тим од спортисти и луѓе од бизнис-секторот и сите заедно да работиме за кревање на кошарката, враќање на оптимизмот кога се говори за овој спорт. Приоритети има многу, од развој на младинската кошарка, враќање на публиката, до засилување на лигата и враќање на репрезентацијата онаму каде што посакуваме да биде - редовен учесник на големите натпреварувања“, изјави Антиќ пред медиумите.