Антиќ го истурка своето: Сезоната прекината без шампион и со проширување на елитата!

Сезоната 2019/20 ќе влезе во историјата на македонската кошарка како прва во која нема да биде прогласен шампион, откако претседателот на КФМ, Перо Антиќ, денеска штури информира дека првенството е прекинато без да биде прогласен шампион, без испаѓање и со промоција на две екипи од Втората лига.

Со ова е ставен крај на рашомонијадата која се случуваше во последно време, во која раководството на Куќата на кошарката упорно го држеше ставот дека МЗТ Скопје не треба да биде прогласен за шампион, додека аеродромци бараа да бидат крунисани како лидери на табелата во време на прекинот.

„По доставениот предлог до членовите на УО на КФМ, со убедливо мнозинство е донесена одлука за завршување на Првата лига, без да се прогласи шампион, без испаѓање во понизок ранг, додека две екипи од Втората лига да се промовираат во прволигаши“, е кусото соопштение објавено на интернет-страницата на КФМ.

Аеродромци сметаа дека заслужуваат да бидат прогласени за шампиони како лидери на табелата во моментот на прекинот со скор 14-3 и две победи повеќе во однос на Работнички и Гостивар. Изминатиов период имаше неколку гласања, како во УО така и меѓу клубовите, за на крајот да помине тоа што Антиќ го посакување и за кое агитираше целиот изминат период.