Академија ФМП ангажира Американец осуден за грабеж и злоупотреба на картички!

Последниот ден од јули донесе голема раздвиженост на кошаркарскиот пазар кај нас, особено во делот на американските засилувања, па по МЗТ Скопје и Пелистер со играч со САД потпиша и тимот на Академија ФМП.

Станува збор за Терел Липкинс (29 год, 180 см), кој игра на плејмејкерската позиција и кој ќе треба да го замени сонародникот Рони Харис, кој кариерата ќе ја продолжи во САД. За него ова ќе биде трета сезона во европската кошарка, откако претходните две ги мина во чешки Лион Храден и романска Политехна, каде што просечно реализирал 15,8 односно 10,7 поени.

Липкинс зад себе има и темна страница во биографијата и тоа за време на настапот за Универзитетот Чарлстон, кога во 2013 година бил избркан од тимот и колеџот поради фактот што бил обвинет за грабеж од прв степен и злоупотреба на кредитна картичка. Инцидентот се случил во април истата година, кога заедно со уште тројца другари, во алкохолизирана состојба, нападнале двајца случајни минувачи и ги ограбиле. Нешто подоцна ги користиле нивните кредитни картички во фаст-фуд ресторан по што биле уапсени. Липкинс ја признал вината и добил условна казна за да завршат одреден државен програм за млади престапници, по што ѝ се вратил на кошарката. Сезоната по која се случил грабежот, тој бил најдобар играч на својот универзитет со просек од 17,4 поени 5,1 скок и 4,6 асистенции.

„Академциве“ летово го продолжија договорот со Горан Главчев, а ги ангажираа уште и Тајрон Херис и Стефан Крстајиќ